„Најдобар момент беше… целото снимање!“ – Интервју со Ангела Димитрова

Младата Ангела Димитрова, која ја толкува комплексната улога на тинејџерката и пливачка Ивана, е вистинско актерско откритие. И покрај тоа што снимањето на серијата „На терапија“ е нејзиното прво позначително иксуство пред камера, нејзиниот извонреден талент освојува „од прва“.

Додека ја чекаме првата сесија на Ивана и Д-р Терзиев, која е закажана за 20-ти септември, Ангела ни раскажа за снимањето на серијата и за паралелите помеѓу неа и ликот кој го толкува.

Кои се сличностите помеѓу тебе и Ивана, а што најмногу ти пречи кај неа?
Ивана е лесно избувлива, знае сѐ, секогаш е во конфликт со мајка ѝ, многу слична на мене. Искрено, не ми пречеше ништо во врска со неа, напротив, уживав додека ја запознавав и живеев.

Омилена реплика?
„Не се сеќавам!“

Најдобар момент во текот на снимањето?
Најдобар момент беше… целото снимање! Навистина не знам што би издвоила, зошто ова ми е прво поголемо искуство пред камера и беше навистина прекрасно.

Како мислиш дека ќе биде прифатена серијата од македонската публика?
Сметам дека македонската публика конечно ќе добие квалитетна серија, која не само што нема да се заборави, туку и ќе ги поттикне луѓето да размислуваат малку подлабоко.

Кој дел од снимањето на серијата беше најпредизвикувачки за тебе?
Најголем предизвик за мене беше снимањето на една од епизодите, каде што поголемиот дел од епизодата плачам непрекинато. Беше доста тешко да се остане во таа состојба целиот снимачки ден. Мислам дека никогаш нема да го заборавам тој ден.

Што научи за себеси од снимањето на серија која ги истражува животните предизвици низ призмата на психотерапијата? И, како што би рекол Д-р Терзиев, сакаш да зборуваме за тоа?
Додека траеше снимањето, енергијата и атмосферата на сет беше толку интимна што се осеќав како да сум буквално на терапија. Преку Ивана сфатив колку одредени настани и моменти од нашиот живот, на кои ретко им даваме значење, може да остават длабоки траги. Колку тие траги може да се болни, навидум заборавени, а да нè погодат токму кога најмалку очекуваме. Затоа треба почесто да зборуваме за тоа. 🙂