кампања

Карактерите околу кои се одвива дејството во „На терапија“ се фиктивни, но нивните животни приказни, како и предизвиците со кои се соочуваат, се реални, препознатливи, опипливи и блиски до секој од нас.

Поради тоа, ни дојде сосема природно да ја доведеме поврзаноста меѓу сите нив и сите нас на уште поинтимно ниво и да ги „оживееме“ и во виртуелниот свет, онаму каде секој од нас поминува значителен дел од времето.

Преку нивните лични профили на различни социјални мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Твитер, Инстаграм и ЛинкдИн, ви даваме можност да ги запознаете на уште подлабоко ниво, да откриете што им го исполнува денот, што ги радува, што им пречи и што им поминува низ глава во моментите до терапија. Истовремено, даваме мали наговестувања за тоа што може да се очекува од сесиите со д-р Терзиев кои следуваат.

Содржината која ја споделуваат карактерите на нивните профили не е случајна, туку внимателно создадена и базирана на карактеризациите кои сценаристите ги пишуваат за секој од ликовите во одредена ТВ серија или филм. Покрај тоа што ги претставуваат суштествените црти на конкретниот лик, карактеризациите ги откриваат и нивните детални биографии и уникатни животни истории. Ваквиот пристап има за цел да ѝ даде длабочина на содржината и да открие подробности кои вообичаено не би биле достапни за публиката.