„’На терапија’ раскажува приказни за реални луѓе“ – Интервју со Вардан Тозија

Вардан Тозија, режисерот на серијата „На терапија“, се вбројува меѓу најталентираните имиња во македонската кинематографија и во неговата филмографија се вклучени исклучително квалитетни долгометражни, краткометражни, документарни и телевизиски проекти.

На две епизоди пред крајот на серијата, зборувавме со Вардан за предизвиците на снимањето на серијата со ниво на квалитет што го наметнува франшизата, за посветеноста на актерската екипа, за очекувањата и реакциите на македонската публика, како и за неговата омилена реплика, која ќе ја слушнеме од д-р Терзиев овој петок, на 17-ти ноември, во последната епизода од „На терапија“.

Омилена реплика?

За мене, омилената реплика доаѓа со последната епизода, во завршетокот на последната сцена од серијата „На терапија“. Затоа и не би откривал прерано што претставува тоа интригантно резиме на д-р Терзиев, кое ја заокружува целaта негова наративна и емоционална карактерна арка низ изминатите 45 епизоди. Може само да наговестам дека тоа е личен одговор на едно прашање што самиот терапевт често го поставува на своите пациенти, само сега, пласирано во малку поинаква форма – „Мора ли да зборуваме за тоа?“

Како изгледаше снимањето на серијата?
Снимањето беше долготрајно и исцрпувачко, бевме под силен притисок, со оглед на буџетските рамки и краткиот временски период во кој требаше да се испорачаат голем број на епизоди, сè тоа со ниво на квалитет што го наметнува франшизата. Иако дејствието беше просторно ограничено, обемните дијалози и нијансирањето на емотивните промени бараа од секој член на екипата исклучителна посветеност и фокусираност во текот на снимачкиот ден. Ова посебно важи за актерската екипа, предводена од Никола Ристановски, составена од професионалци кои навистина покажаа зрелост и посветеност на која може да позавидат многу „извикани“ имиња од регионот и пошироко. Кога се работи под таков „напон“, целиот тој период поминува како низ состојба на сон, времето ги избледува поединечните убави и помалку убави ситуации и случки, се добива само едно општо чувство на задоволство, на успешно завршено патување.

Кој дел од снимањето беше најпредизвикувачки?
Уште на почетокот, јасно беше дека создавањето на ваква серија ќе биде предизвик од повеќе аспекти. Сепак, клучно беше да го прифатиме фактот дека во „На терапија“ не може да се служиме со голем број на режиски и драматуршки решенија што го привлекуваат, а потоа го пренасочуваат вниманието на гледачот. Таму, во тие неколку простории, протагонистите седат, се гледаат, разговараат… и толку. Тука лежеше за мене најголемиот предизвик, во работата со актерите, и начинот на кој нивните лични приказни се градат и испреплетуваат.

Како си задоволен од приемот на серијата „На терапија“ кај македонската публика?
Искрено, начинот на кој домашните гледачи пред малите екрани ја прифатија серијата ги надмина моите очекувања. Се разбира дека во процесот на подготовка на серијата, заедно со продуцентот Роберт Насков, безброј пати се преиспитувавме дали еден ваков, неконвенционален, херметичен формат на драматургија ќе успее да го привлече и задржи вниманието кај публиката, во земја каде психотерапевтската пракса сè уште е обременета со предрасуди и сомнеж. Ме радува дека се докажа спротивното, дека нашата публика е „гладна“ за квалитетна домашна продукција.

Што научи за себеси од снимањето на серија која ги истражува животните предизвици низ призмата на психотерапијата? И, како што би рекол Д-р Терзиев, сакаш да зборуваме за тоа?
„На терапија“ раскажува приказни за реални луѓе, не за ескапистички, имагинарни ликови. Во секој од карактерите препознав по нешто што го носам или сум го носел во себе, низ различните етапи од животот. Сите тие мали фрагменти составени од дилеми, надежи, стравови, радости, сомнежи… се затскриени во големата слика на емотивниот мозаик кај секој човек. Потребно е некогаш тие фрагменти да се издвојат, да се артикулираат, да се постават искрени, понекогаш и болни прашања, на кои единствено самите ние можеме да дадеме одговор.