„Јас дефинитивно не можам да бидам истиот човек по оваа серија“ – Интервју со Тони Наумовски

Роден во Сиднеј, израснат во Битола, врвниот актер Тони Наумовски денес живее во Њујорк каде што гради импресивна интернационална кариера и во театар и на филм и на телевизија.

Успешниот и неверојатно талентиран глумец во „На терапија“ ја толкува улогата на војникот Владо Лазаревски кој, според реакциите на социјалните медиуми, е на многумина омилен лик од серијата.

Зборувавме со Тони за сличностите кои ги дели со Владо, за процесот на градење на овој комплексен лик и за тоа зошто повеќе не може да биде истиот човек после снимањето на оваа серија.

Кои се сличностите помеѓу тебе и Владо Лазаревски, а што најмногу ти пречи кај него?
Слични сме во силното чувство на одговорност и високото ниво на дисциплина, а ми пречи арогантноста.

Омилена реплика?
„Значи кој овде ја презема одговорноста? Никој?“

Најдобар момент во текот на снимањето?
Навистина ми е тешко да одвојам баш само една случка. Уживав во процесот на истражување и градење на ликот како во својата индивидуална естетика така и во соработката со целата екипа. Длабоко и возишено патешествие.

Како си задоволен од реакциите на македонската публика досега?
Верувам дека македонската публика има капацитет да препознае серија сработена на светско ниво. Ова е франшиза на „ХБО“ и досега над 30 земји ја имаат адаптирано за свој пазар и сето тоа зборува за нивото на успех на самиот брилијантен концепт.

Кој дел од снимањето на серијата беше најпредизвикувачки за тебе?
Индивидуалната одговорност како актер. Да застанеш зад вистината на ликот и да ја пронајдеш во самот себе без да го осудуваш. Без разлика колку и да е таа вистина контроверзна и дали се совпаѓа со вредностите во кои јас како човек верувам, да го изведам и оправдам ликот на Владо на наједноставен начин, но истовремено со најдлабоко чувство на верност и искреност.

Што научи за себеси од снимањето на серија која ги истражува животните предизвици низ призмата на психотерапијата? И, како што би рекол Д-р Терзиев, сакаш да зборуваме за тоа?
Секоја улога е како лузна. Секогаш присутна да те потсетува на едно време, во случајов на едно искрено и длабоко пријателство, но истовремено и на една болна искреност која низ процесот те филтрира. Јас дефинитивно не можам да бидам истиот човек по оваа серија. A кој би се осудил да зборува за тоа ако не мора?