„Никој не е имун на проблеми“ – Интервју со Роберт Насков

Продуцентот на серијата „На терапија“, основачот на продуцентската куќа „КИНО ОКО“ и претседателот на Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ), Роберт Насков, е главниот иницијатор на овој масовен ТВ проект, прв во Македонија снимен според странска лиценца.

За снимањето на 45-те епизоди од серијата, Роберт има формирано врвна екипа на македонски актери, сценаристи, ТВ и филмски професионалци, а за квалитетот на финалниот производ зборуваат извонредните рејтинзи, кои покажуваат дека најмалку секој петти македонец гледа „На терапија“.

Со Роберт зборувавме за реализирањето на серија од ваков тип, за предизвиците на снимањето на една епизода дневно, за најдобрите моменти на сетот и за разговорот како прва и основна алатка за решавање на проблемите.

Со кој карактер од серијата најмногу се поистоветуваш?
Можеби најблизок ми е Др. Терзиев.

Омилена реплика?
„Можеби не е до нив, можеби е до мене“.

Најдобар момент во текот на снимањето?
Кога мачка ни влезе во кадар за време на снимањето во студио. Сите се прашувааа дали е дел од сценариото и никој не реагираше.

Какви реакции очекуваше дека ќе предизвика серијата кај македонската публика?
Верував дека гледачите ќе се поистоветат со ликовите и дека ќе престанат да се занимаваат со политика и туѓи проблеми, и ќе почнат да се занимаваат со сопствените.

Кој дел од снимањето на серијата беше најпредизвикувачки?
Целото снимање беше голем предизвик и авантура. Досега никој не снимил толкав број на епизоди. Снимавме по една епизода дневно. Да се сработи сето тоа и производот да биде со врвен квалитет потребна е посветена и професионална екипа. Среќен сум што имав такви колеги во тимот.

Што научи за себеси од снимањето на серија која ги истражува животните предизвици низ призмата на психотерапијата? И, како што би рекол Д-р Терзиев, сакаш да зборуваме за тоа?
Научив дека никој не е имун на проблеми. Тие се составен дел на нашите животи и за нив треба да разговараме. Не е страшно ако имаш проблем, страшно е ако проблемот го игнорираш.