„Треба да научиме да разговараме едни со други“ – Интервју со Амернис Нокшиќи-Јовановска

Талентираната актерка Амернис Нокшиќи-Јовановска, ја толкува сложената улогата на Ана Терзиева, сопругата на Д-р Виктор Терзиев. Ана е самоуверена, искрена жена, која со години безрезервно ја поддржувала праксата на Виктор, целосно посветувајќи се на семејниот живот и на воспитувањето на нивните три деца.

Иако за себе вели дека се разликува од карактерот кој го игра, Амернис маестрално ни ја претставува реалноста на Ана, жена чија осаменост расте паралелно со времето кое нејзиниот сопруг го посветува на пациентите и на кариерата. Сфаќајќи дека животот ѝ се движи во насока која таа не ја посакува, сама и игнорирана, Ана ги презема работите во свои раце.

Што ќе се случува со Ана и Виктор, останува да видиме, а до тогаш, разговаравме со Амернис за тоа како си помина на снимањето на серијата.

Кои се сличностите помеѓу тебе и Ана Терзиева, а што најмногу ти пречи кај неа?
Не би рекла дека имаме некои карактерни сличности. Јас сум обратното од Ана, која е тивка и повлечена. Ништо не ми пречи кај неа бидејќи, по некоја случајност решава да преземе некои работи во свои раце. А што и како, да не ги откриваме деталите, ќе видат гледачите.

Омилена реплика?
Една од омилените реплики, но не и единствена, ми е: „Па добро не ти е срам што излезе како секој втор маж во градот? Цел живот ја анализираш човековата природа, а се понашаш како некој неандерталец“.

Најдобар момент во текот на снимањето?
Снимањата беа ептен забавни. Со партнер како Никола не може да биде поинаку. Имаше многу смеење.

Како мислиш дека ќе биде прифатена серијата од македонската публика?
Се надевам дека ќе има позитивни коментари но, познавајќи го поднебјето во кое живееме, очекувам и негативни.

Кој дел од снимањето на серијата беше најпредизвикувачки за тебе?
Сите епизоди во кои играм беа предизвик сами за себе. Би ја извоила деветтата епизода во која Ана признава некои работи што тлееле во неа.

Што научи за себеси од снимањето на серија која ги истражува животните предизвици низ призмата на психотерапијата? И, како што би рекол Д-р Терзиев, сакаш да зборуваме за тоа?
Научив и јас по нешто 🙂. Треба да научиме да разговараме едни со други и да почнеме да се слушаме. Да, сакам да зборувам за тоа, и тоа многу.