„Прекрасно е да работиш со луѓе кои си ја сакаат работата“ – Интервју со Висар Вишка

Еден од најуспешните актери во Македонија, Висар Вишка, во „На терапија“ се појавува во улогата на бизнисменот Гент. Тој, заедно со сопругата Зана, која ја игра Драгана Костадиновска, одат на советување кај Д-р Терзиев во обид да го спасат бракот кој е во криза поради низа меѓусебни провокации, обвинувања и нерешени проблеми од минатото.

Приказната на Гент и Зана ќе почне да се расплетува наскоро, а во меѓувреме, зборувавме со Висар за процесот на создавање на серијата и за тоа како се поистоветува со улогата на Гент.

Кои се сличностите помеѓу тебе и Гент, а што најмногу ти пречи кај него?
Има многу сличности. Сегашни и минати. Најтешко е да се одиграат тие што се најслични, затоа што тогаш си по самокритичен и знаеш кога делуваш искрено, а кога не. И секогаш постои тој страв да не се откриеш цел. Сепак, ние сме духовни стриптизети.

Омилена реплика?
„Да бебе, не бебе!“

Најдобар момент во текот на снимањето?
Многу убави моменти. Многу интересни случки. Сѐ уште немам дистанца доволна да видам што ми оставил подолготраен впечаток. Прекрасно е да работиш со луѓе кои си ја сакаат работата. Од чуварот па сѐ до директните партнери Никола и Драгана. Да не уживавме ќе полудевме.

Како мислиш дека ќе биде прифатена серијата од македонската публика?
Како нешто најдобро што виделе досега. Во тоа не се сомневам.

Кој дел од снимањето на серијата беше најпредизвикувачки за тебе?
Да се издржи на 40 плус степени без воздух од изгрејсонце до зајдисонце.

Што научи за себеси од снимањето на серија која ги истражува животните предизвици низ призмата на психотерапијата? И, како што би рекол Д-р Терзиев, сакаш да зборуваме за тоа?
Искрено не научив нешто ново затоа што, како актер, а и пред да станам тоа, јас си патувам кон сопствените длабочини. Си ги познавам сите мои демони. Веќе сум на Ти со нив. Тоа што беше убаво, условно кажано, е дека ми се случи тоа што често ми се случува со улогите. Да имаат многу заеднички и исти проблеми. Како некоја виша сила да ми дава можност да ги искажам чувствата што ме мачат во тој период преку карактер, преку лик. Се разбира, не се тотално исти проблемите, но во моменти многу лични.