„Приказните на ликовите ќе предизвикаат особено внимание“ – Интервју со Драгана Костадиновска

Прекрасната актерка Драгана Костадиновска, во „На терапија“ ја толкува улогата на Зана, млада и почитувана жена која реди успеси на сите полиња, освен во бракот и семејниот живот. Совршено надополнувајќи се со Висар Вишка, кој ја толкува улогата на нејзиниот сопруг Гент, Драгана вешто нè внесува во комплексниот свет на Зана, за која вели дека се „сосема различни жени“.

Додека го чекаме почетокот на емотивната приказна на Зана и Гент и развојот на нивната брачна терапија, зборувавме со Драгана за тоа што значи да се одигра улога на личност која е комплетно различна во своите постапки и својот карактер.

Кои се сличностите помеѓу тебе и Зана, а што најмногу ти пречи кај неа?
Нема сличности меѓу мене и Зана. Јас и ликот што го играм во „На терапја“ сме сосема различни жени, различни и во начинот на постапување и во начинот на реагирање кон луѓето и ситуациите. Тоа пак од друга страна многу ми се допадна како процес, простор за креација и можност сосема да се протнам во светот на Зана. Не би можела исто така ниту да одредам што ми смета во нејзиниот лик заради тоа што во процесот на нејзино совладување неизбежно беше исто така да ги разберам нејзините постапки и да сочувствувам со нив без разлика колку и да не се согласувам со истите.

Омилена реплика?
Омилена ми е репликата којашто најверојатно и најпрецизно би можела да ја опише Зана: „Ќе се случи неизбежното. Кога веќе сум почнала да размислувам на нешто, друго сè е прашање на време. Никој и ништо не може да ме спречи“.

Најдобар момент во текот на снимањето?
Секој пат кога ќе заврши еден снимачки ден со особено задоволство и чувство на добро завршена работа.

Како мислиш дека ќе биде прифатена серијата од македонската публика?
Пред сè мислам дека публиката ќе биде задоволна од квалитетот и нивото на производот, а друго сметам дека приказните на ликовите се толку лични, деликатни и емотивни што секако ќе предизвикаат особено внимание.

Кој дел од снимањето на серијата беше најпредизвикувачки за тебе?
Брзината со која снимавме една епизода ми беше најголем предизвик. Се сеќавам на тоа колку затекната бев на првиот ден на снимање, за потоа понатаму да бидам спремна на темпото со кое се работеше. Во таа смисла морам да кажам дека од големо значење ми беше односот и работата на Вардан Тозија на кој одлучив комплетно да му верувам и да се потпрам на неговите решенија и индикации дури и кога не бев јас лично сосема уверена во истите.

Што научи за себеси од снимањето на серија која ги истражува животните предизвици низ призмата на психотерапијата? И, како што би рекол Д-р Терзиев, сакаш да зборуваме за тоа?
Заклучокот од работата на серијата, како и тоа што мислам дека ќе се добие од нејзиното гледање е дека многу често позади некои несоодветни, чудни и погрешни постапки на луѓето, стојат неразрешени емотивни болки и премрежја и дека тоа треба да го имаме в предвид пред било како да изреагираме на истите. Да, секако, секогаш мислам дека е добро да се поразговара со некој што вистински може да ве разбере.