Пронаоѓањето на звукот на серијата „На терапија“ со Ади и Дино Имери

Тематската музика која ја надополнува шпицата и клучните моменти во серијата „На терапија“ е создадена „по мерка“ од талентираните композитори Ади и Дино Имери, едни од најбараните авангардни музичари во Македонија.

Сочувство и вистина се зборовите со кои тие ја опишуваат музиката која ја надополнува „тишината која крие многу тајни“, го зајакнува дејствието на серијата и им дава звук на животните приказни на ликовите и на предизвиците со кои се соочуваат.

Разговаравме со нив за патот до создавањето на композициите, за најголемите предизвици со кои се соочиле при продуцирањето, за психолошките придобивки од слушањето музика, но и за тоа што откриле за себеси низ работата на проект од овој тип. Дознавме многу интересни работи.

Што беше најголем предизвик при продуцирањето на музиката за серијата „На терапија“?

Ади: Поради мојата преосетлива природа, мојот најголем предизвик беше да се „живее“ во кожата на ликовите, маестрално напишани и изведени од екипажот на Капетан Вардан Тозија, кој е надеж за македонската кинематографија и со кој станавме добри пријатели во текот на оваа соработка. Предизвик беше да се пронајде нивниот звук, кој ќе ја извади вистината од нив, а кој понекогаш ќе ги претстави и во светло кое не им одговара, истовремено поддржувајќи ја нивната приказна со сочувство, конзистентност и магија.
Дино: Предизвик беше да се создаде музика која ќе биде на највисоко можно ниво на квалитет, кој ќе им парира на глумата, приказната и целокупната реализација на серијата. Работевме со голема ангажираност, љубов, трпение и експериментирање. Особено сум задоволен што добивме можност да работиме со многу музикален и сензитивен режисер, Вардан Тозија, со кого имавме прекрасна соработка и размена на идеи.

На кој начин се разликува процесот на создавање на наменска музика за серија од процесот на создавање на музика за широката публика?

Ади: Кога правиме музика се трудиме да гледаме на процесот како на декодирање и организирање на звукот во времето и просторот. Тоа е нашиот пристап и во индивидуалните проекти како автори и во оваа наша прва јавна соработка, така што нема никаква разлика. Ние сме раскажувачи на приказни, а резултатите се најмагични кога ѝ пристапуваш на приказната со почит спрема нејзините потреби и во служба на нарацијата.
Дино: Нема разлика. Музиката може да биде искрена и чиста, или лажна и искварена. Кога создавате нешто од срце и душа, не размислувате за тоа кој ќе го слушне тоа.

Колку карактерите од серијата ја инспирираа музика? Кој од нив ви остави најголем впечаток?

Ади: При набљудувањето на приказните на ликовите, индивидуално и во корелација еден со друг во поголемата слика, првин како аутсајдер, а после како сојузник во првите борбени редови заедно со нив, успеав да пронајдам квалитети и лични особини кај сите со кои би можел на еден или друг начин да се поврзам во различни периоди од мојот живот. Сите сме во иста каша.
Дино: Ликовите се толку добро осмислени, што самите го носеа дејствието на музиката и насоката во која таа се движеше и растеше во текот на работниот процес. Најголем впечаток ми остави Д-р Виктор Терзиев, кој иако се наоѓа во ситуација во која неговиот живот се распаѓа, се соочува со своите проблеми и го задржува своето достоинство и високите морални вредности.
 

 

Како би ја опишале музиката за серијата „На терапија“?

Ади: Сочувство и вистина.
Дино: Музиката се раѓа од тишината која крие многу тајни. Музиката се појавува секогаш кога вистината излегува на површина.

Дали мислите дека музиката има психолошки придобивки?

Ади: Музиката е ретка и скапоцена форма на магијски обред кој во погрешни раце има потенцијал да направи голема штета, а кога ќе ѝ се пристапи со понизност и почит е способна да ја менува природата на нашата реалност.
Дино: Се разбира. Човековата психа е мистерија, а музиката има неверојатна моќ кај нас да ги стимулира или репродуцира нашите најчисти и најинтимни чувства и сеќавања.

Што научивте за себеси од продуцирањето на музика за серија која ги истражува животните предизвици низ призмата на психотерапијата? И, како што би рекол Д-р Терзиев, сакате да зборуваме за тоа?

Ади: Научив дека стремежот да бидам што е можно потранспарентен и искрен како човечко суштество не е залуден. Да се биде дел од решението наместо проблемот е нешто кое допринесува не само за мојата благосостојба како индивидуалец, туку и за подобрување на квалитетот на општата човечка состојба.
Дино: Научив дека некогаш со малку, се кажува многу.